Блогът е посветен на  политическите, културните и религиозни събития,  които се случват в днешната географска област Македония, както и на отминалите исторически събития.

събота, 22 май 2010 г.

Споменикот на Александар и црквата на Вранишковски Устоличувањето на Александар во грандиозен кич-споменик на централниот плоштад на главниот град

Позволявам си да публикувам целия текст на македонския професор Димитър Димитров, публикуван в македонския ежедневник "Дневник на 27 юни 2009 г.


Споменикот на Александар и црквата на Вранишковски


Устоличувањето на Александар во грандиозен кич-споменик на централниот плоштад на главниот град на државата (след оние во Прилеп и во Штип), претставува триумф на грчката византиска вештина, со која на тој чин му се дава вид провокација на Грција, а всушност се провоцира автодеструкција на државата и суигеноцид на нејзиното мнозинско население


Меѓу актуелните нешта во државата кои тешко се восприемаат - историски, културолошки, правно-политички - се наметнуваат проектите на споменикот на Александар Велики на скопскиот централен плоштад и на „грко-православната охридска архиепископија на Пеќската патријаршија“ (црквата на Вранишковски). Тие два проекта се доволно тешки сами по себе, секој во својот родов контекст, а заедно прават неподнослива збрка. Споменикот на Александар е официјален проект, на кој му се спротивставуваат опозицијата, меѓународната заедница (со аргументите за провокација на Грција и за економската неоправданост) и дел од научната/културната јавност (со ликовно и архитектонско- урбанистички аргументи). Никој не го потегнал веројатно клучниот, внатрешнополитички аргумент, она на државотворноста, во врска со тоа и на споменичката панорама со Александар сред гемиџии, вмровци и асномци, вклучително - музејот на восочни фигури, и тоа како Гуливер меѓу лилипутанците. Проектот на „грко-православната охридска архиепископија на Пеќската патријаршија“, нема поддршка дома, но има кај јужниот сосед, кај северниот и, на начелно ниво на верски слободи и права, кај меѓународната заедница (барем до најновата модификација на името).

РАЗДОРОТ КАКО ГЕНЕРАТОР

Едниот владин, другиот грчко-српски, тие два проекта ги поврзува единствена функција на раздор, како генератор на недобра клима во земјата и на недобри меѓусоседски односи.Од гледна точка на државотворноста, споменикот на Александар претставува апсурд. Република Македонија е создание на европска и на меѓународна констелација, посредувана со Берлинскиот конгрес, со Балканските војни и со Првата и Втората светска војна. Нејзини два решавачки конститутивни столба се движењето на отпорот, раководен од ВМРО, против отоманската власт и против грчката и српската окупација; и учеството во антифашистичката коалиција во Втората светска војна, која се круниса со формално етаблирање на државата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (1944), како членка на Југословенската федерација. Државата е споменик на Делчев, Груев, Александров, Брашнаров, Шарло, Питу, Ченто..., но не на Филип, Александар или Јустинијан. И таа реалност ја условуваат селекцијата и легитимноста на спомениците.

Ако го оставиме Јустинијан настрана, како некој што не е во врска со предметот, за античките татко и син е документирано дека биле функционализирани против борбата на нашите предци за наша држава. Култот на Александар Грците го вградиле во теорија за нашиот идентитет што не прави едно со нив, Грците. Како наследници на Александар, кој според таа теорија, се разбира, бил Грк, ние исто така сме Грци, но, со доаѓањето на Славјаните, сме се заборавиле и сме станале славофони. Таа теорија, во македонската борба и во Втората балканска војна, се спроведувала во комбинација со насилство. Нашите предци требало да прифатат или дека се Грци или да бидат „анулирани“ (Н. Диму, Несреќата да си Грк).

Се исходува од една основна претпоставка дека имено целото население во далечното минато било грчко. „Каков срам!“ - велеле грчки жандарми во Горно Куфалово. - „Ние ве ослободивме. Гласот на Александар Велики ве вика од гробот. Не го слушате ли? А продолжувате да бладате...“ (Карнегиевиот Извештај за Балканските војни 1912-1913.) Клучната ролја во имплементацијата на грчката александристска теорија ја играла грчката црква, која „во последните два века им служела на сите богови, само не на Единствениот“ (Н. Диму). Во книгата на Раптис Капетанот Пулакас работата е така поделена што свештеник, со опширна просветителска проповед, се труди заблудените чеда, паднати во анималност и варварство, да ги „прероди“ и да ги спаси за елинизмот и културата во идентитетот со Александар. Додека за луѓето (движењето на отпорот) што ја одбиваат таквата „преродба“ следувал теророт на андартите.

Во случајот на костурскиот владика Каравангелис двете функции се споени во една личност. Тој бил и проповедник и организатор на терористички акции. Мантијата му била потребна поради авторитетот на православната црква сред православното население. Така, проблематичниот ВМРО-вски војвода Коте Христов при првата нивна средба му бакнува рака, а владиката уште со првата реченица му ја внушува „преродбата“ на грчки начин: „Вие сте Грци од времето на Александар Велики, но наминаа Славјаните и ве пославјанија. Изгледот ви е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и статуите скриени во неа. И тие се грчки. И монетите што ги наоѓаме се грчки.“ (Македонската борба).

ЗА "ПРЕРОДЕНИТЕ"

Како што гледаме, пред еден век, во грчката „Македонска борба“ и во Втората балканска војна, Александар и грчката црква не само што не си противречеле, туку биле единствена позиција - позиција на погрчување на територијата и на населението. На другата страна од фронтот стоела ВМРО, закотвена во преродбата врз Кирило-Методиевата-Климентова традиција. Еден од нејзините најголеми дејци вака ја коментира проповедта на „преродениот“ поп Герман: „Тој брат толку се погрчил... се помачи секако да ни докаже дека ние сме биле Грци!... Почна да ни ја раскажува историјата за великиот Александар... Човек што не се разбира од историја, а сака да ти проповеда со неа, тоа е многу смешно!. Ние... го зарезахме.“ (Дневник). Еден друг „прероден“, војводата Вангел Георѓиев, кој станал капетан Вангелис, „славофон по јазик, но грк по душа“ (Г.Каравангелис), загинал од куршум на чета на ВМРО. (Дневник).

Од друга страна, „преродениот“ Коте Христов, капетан Котас, грчки народен херој, овековечен споменички и во името на селото, го заклал ВМРО-вскиот војвода Лазар Поп-Трајков, чија отсечена глава му ја принесол како трофеј на „Црното евангелие“, како што уште жив го нарекле Каравангелис. Друг андартски капетан му ја отсекол главата на тешкоранетиот Чакаларов, која, набиена на кол, андартите ја разнесувале низ Леринско, извикувајќи: „Нема Чакаларов! Нема Македонија!“.



Таков е споменот на Александар во врска со државотворниот процес на Република Македонија, сублимиран во девизата „Се’ за Македонија“. Таков е уделот на грчката црква во нашето политичко и народно обособување. Се работи за тенденција на одродба наспроти тенденцијата на културно-политичка индивидуализација во рамките на европската реалност, (индивидуализација) што ја претставува штотуку споменатата Кирило-Методиева-Климентова преродбенска традиција. Таа амбиваленција на ширењето на источното христијанство сред Славјаните, има милениумска историја. Се протега од Византиската, преку Отоманската Империја, до „црните евангелисти“ и до црквата на Вранишковски, на таа задоцнета инсталација на грчкиот патријарх Христодулос со посредство на српскиот патријарх Павле. Толку колку што Охридската архиепископија била „грко-православна“, толку биле „анулирани“ црковните и училишните претставници на Климентовата-преродбенска традиција. Карнегиевиот извештај и Дневникот и писмата на Мисирков сведочат за масовна чистка на тие најчести видови на тогашната интелигенција и за создавање на тој начин „обезглавен народ“.

Иако појавно спротивставени, проектите на споменикот на Александар и на црквата на Вранишковски ги поврзува заедничкото гледање наназад. Ако покрстувањето на нашите предци било мотивирано со нивното цивилизациско обликување во рамките на христијанска Европа, со „преродбата“ во знакот на култот на Александар се излегува од Европа, бидејќи се редуцира тој последен милениум од нејзината историја, кој, се разбира, ја подготвил современа Европа и нас како нејзин дел и етнокултурна особеност.„Грко-православната Охридска архиепископија на Пеќската патријаршија“ тоа милениумско обособување во Светиклиментовата традиција, со преродбата, ВМРО и АСНОМ го премостува со грчко-српска коалиција на нивото на „црните евангелисти“, како „свештен“ изблик на земната манија за непосредна грчко-српска граница.

Официјалниот проект, пак, на споменикот на Александар, ја надминува редукционистичката постапка во функционализацијата на Александар од страна на државата на Каравангелис. Тој ја проширува редукцијата и на грчката култура, фокусирајќи се врз самиот Александар непосредно, на Александар како Македонец. Како „преродба“ на (современите) Македонци во (антички) Македонци.Што останува од нас исчистени од цивилизацискиот супстрат на милениумот зад нас? Што останува од Александар исчистен од грчката култура и од неговата ролја во ширењето на елинизмот?

Останува она што било укинато/трансцендирано од виталното, кое го поставува/обликува историскиот процес. Да се буричка по тој остаток, од него да се реконструира етнологија на античките Македонци и таа етнологија да се идентификува како наша „крв и култура“ - тоа значи да се следи антиисториски пат од трансцендирачко кон трансцендирано, од преживеано кон надживеано. Ако крвта прелиминарно ја апсолвираме како несводлива на етнолошки белег, каква култура можеле да ни дадат тие што брзале да ја земат грчката култура?

“КАМЕНОТ ОД РОЗЕТА„

Писмото? МАНУ го изненади светот со оригиналното дешифрирање на „Каменот од Розета“, извршено во времето за аматерски активности од двајца професори на Електротехничкиот факултет. Откритието е ставено на сајтот на МПЦ, божем Александар е христијански светец! Со откритието се запознаваат и студентите на Јустинијановиот факултет. „Демотското писмо - подучуваат Јустинијановите професори, одејќи по умот на електроничарите - е писмото на античките Македонци... Идентификувани се симболи за 25 согласки и 8 самогласки. Исто така, идентификувани се повеќе од 160 зборови кои го задржале значењето на некои дијалекти од современиот македонски јазик.“ (!)

Најкомпетентните по предметот, класичарите П.Илиевски (Два спротивни природа кон интерпретацијата на антички текстови со антропонимска содржина, МАНУ, Прилози XXXI 1) и В.Саракински (Дискретната смрт на методологијата, Историја 1-2/2006), „откритието“ на електроничарите го наоѓаат за резилење пред светот, бидејки претставува непрофесионално дешифрирање на одамна дешифрираното - на демотското писмо, постаро од старомакедонската унитарна држава! Од што произлегува дека „Каменот од Розета“ не може да биде доказ дека мојот воденски дијалект бил јазик на античките Македонци, на кој Птоломеите (кои го имале прифатено грчкиот јазик и писмо!) ги пишувале документите во Египет.

Ваквата редукционистичка постапка не само што одведува од актуелната реалност, туку одведува и надвор од историјата. ТВ-спотовите, еден со глас на владика на МПЦ, Македонците ги ситуираат непосредно во вечноста, во противстав и на Библијата, и на Дарвин, како супститут и за Адам и Ева, и за приматите. Една таква стратегиска цел - да се направи од нас лакрдија - постигаат и проектот на споменикот на Александар и проектот на црквата на Вранишковски. Тоа е стратегија на деструкција-автодеструкција, во традицијата на тактиката на Каравангелис „со нив против нив“, со која „славофоните“ ги регрутирал во андартските чети, како што е прикажано погоре, служејќи се со култот на Александар како орудие. Устоличувањето на Александар во грандиозен кич-споменик на централниот плоштад на главниот град на државата (след оние во Прилеп и во Штип), претставува триумф на грчката византиска вештина, со која на тој чин му се дава вид на провокација на Грција, а всушност се провоцира автодеструкција на државата и суигеноцид на нејзиното мнозинско население.

Димитар Димитров (Авторот е универзитетски професор)

Няма коментари:

Публикуване на коментар